Партиски струен удар за цената на струјата

Не знам што да правам со поевтината струја, се мислам да си легнам со запален лустер. Со заштедените пари можете да си купите нешто, на пример да појдете до продавница и да си купите најлонче. Со овие и слични иронични досетки социјалните мрежи не стивнуваат од реакции откако Регулаторната комисија за енергетика вчера објави минорно намалување на цената за само 0,1 отсто.

Додека беше во опозиција, СДСМ тврдеше дека има простор струјата да поевтини за многу поголем процент, но претходната власт тоа не го правела заради неодговорното трошење. Оваа Влада досега во повеќе наврати тврдеше дека благодарение на домаќинското работење сега се направени големи заштеди во енергетските компании, па затоа малиот процент беше силно изненадување. Новото раководство на Регулаторна тврди дека со воведувањето на евтината дневна тарифа кое стартуваше во септември лани струјата веќе поевтинела за 4 проценти, и затоа не е можен подрастичен рез.

Граѓаните со кои разговаравме со поделени ставови, дел велат дека процентот на намалување е толку минорен, што дури било и срамота да се објави таква бројка, други, пак, велат дека работите не можат да се подобрат преку ноќ и добро е што оваа Влада барем почнува полека да работи на подобрување на стандардот.

Навреме требаше да се размислува и да се вложува во енергетика, сметаат тие.

„Струјата кај нас е дефицитарна, со време требаше да се гради, имаме потенцијал, ветерници, хидроцентрали, порано не се вложуваше во тоа туку во проекти што не носеа пари, и ова намалување е само маркетинг, но евтината струја им помага на граѓаните.“

„Па поарно ич да не ја намалеа, нека ја оставеа како што е, или да го направеа намалувањето за луѓето стварно тоа да го почувствуваат. Евтината тарифа ние пензионерите не можеме да ја почувствуваме, со 11 илјади пензија не е можно.“

„Тоа е срамота, поарно да речеа ќе ја качиме за толку.“

„Сега можеби не е доволно, ама и доволно е , полека полека оваа Влада да го попдобрува стасндардот“.

Да не беше трагично, ќе беше смешно, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ ги потценува и си поигрува со граѓаните, вака ли Зоран Заев го подобрува животниот стандард, прашаа од партијата.

„Пред неполни две години СДСМ побара намалување на цената на струјата за 30 отсто, со аргумент дека цената на струјата на берзите е ниска и РКЕ мора тоа да го земе предвид. Тогаш СДСМ го исмеваше намалувањето кое беше три пати поголемо од ова“, вели Димче Арсовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ денеска велат дека домаќинското работење на ЕЛЕМ е факт, но не можат да се мешаат во работењето на РКЕ, која е независно регулаторно тело.

„И ние би го добиле објаснувањето од едно вакво независно регулаторно тело, кое всушност го избравме и по новиот закон, според препораките на ЕУ и на Европската енергетска заедница. Намалувањето на цената на струјата и на сите енергенси е наш партиски императив, водејќи сметка за интересите на граѓаните. Убеден сум дека како политичка партија ова ќе го разгледаме, насспроти независното регулаторно тело, и ќе излеземе со став“, вели Хари Локвенец од СДСМ.

Регулаторите велат дека освен во Србија, цената на електричната енергија во земјава е најниска во регионот.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ