
Партиски реакции на пресудата
Политички монтиран процес со кој се погребува правото. Вака реагираше ВМРО ДПМНЕ по соопштувањето на казните за случајот 27-ми април. Според опозициската партија, драконските казни се резултат на политички процес во пресрет на изборите, а судството го интересира само спроведување на партиско-политичките нарачки на Заев.
ВМРО ДПМНЕ и денеска застана во одбрана на фашизмот и злосторствата од Втората светска војна, реагираше СДСМ. Посочуваат дека правда мора да има и дека оние што го нарачале, извршиле и организирале насилството, мора да понесат одговорност.
- 27-ми април е еден од најтрагичните датуми од независноста до денес. Само ВМРО ДПМНЕ и Мицкоски оправдуваат насилство. Тоа докажува дека матрицата на Груевски за насилство, криминал и конфликти функционира и денес преку Мицкоски и врвот на партијата. Заврши времето на монтирани случаи. Обвинителството и судството работат независно и професионално“, реагираат од СДСМ.
Додека ВМРО ДПМНЕ посебно се осврна на казната на екс директорот на БЈБ Митко Чавков, Алијансата на Албанците реагираше само на седумгодишната казна на Абдулфета Алими. Велат дека човекот што го спаси животот на пратеникот Зијадин Села е казнет за да се амортизираат казните на една организирана група.
- Пријателе, твоето единствено злосторство е што моите деца се уште имаат можност да ме викаат татко. Го направи „гревот“ за да спасиш живот. Во затвор си затоа што сум жив и затоа што не си како тие што сакаа да сум мртов…Се чувствувам беспомошно што не можам да ти помогнам, напиша Села на Фејсбук.
Речиси две години по „крвавиот четврток“ во Собранието, Кривичниот суд изрече затворски казни за 16 лица заради терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на земјата.
Соња Николовска