
Партиски конгрес на БЕСА една недела пред партискиот конгрес на БЕСА?!
Партиски конгрес на БЕСА на само една недела пред партискиот конгрес на БЕСА?! Вака некако, во „монтипајтоновски“ стил стигнуваат најавите од двете партиски крила што се борат за правото на името и логото на партијата.
Откако пред само една недела тврдеа дека, на 24 февруари ќе има еден партиски конгрес, на кој делегатите конечно ќе одлучат кој ќе раководи со партијата, денеска стигна потврда дека, од крилото што застана зад Неџбедин Каремани, кого самите го прогласија за привремен претседател, се предомислија и закажаа конгрес на 18 февруари во Тетово.
Пратеникот Реџеп Мехмеди, во разговор со новинарите рече дека, после овој конгрес, ќе се знае кој во партијата го има мнозинството и како понатаму ќе се дејствува. На прашањето, кои ќе бидат делегати на нивниот конгрес, рече дека се работи за истите делегати.
Официјално, не сакаше да открие детали. Наводно, конгресот е поместен, бидејќи веќе завршиле со подготовките. Се жалат на судската одлука, Билал Касами да остане на чело на партијата, затоа што веруваат дека го имаат мнозинството и со тоа и легитимитетот, тие да бидат носители на името и печатот на Беса. Од противничкиот табор, пак, се децидни дека, оваа мала група на незадоволници ја манипулира јавноста.
Токму овие општински совети треба да делегираат делегати на конгресот, кои ќе бидат 450 на број. По автоматизам, членуваат и функционерите, меѓу кои се и пратениците. На двата конгреса ќе се избира нов претседател и нов Централен одбор на партијата.
Кандидатурите за претседателската позиција ќе се доставуваат на денот на конгресот. Засега не се открива дали и колку кандидатури ќе има освен тие на актуелниот претседател Касами и на привремениот Каремани.
Далиборка Демјанска