
Партиите се договорија: Избори на 15-ти Јули
Повеќенеделниот дијалог Мицкоски-Заев заврши успешно: си подадоа рака за избори на 15-ти јули. Заев соопшти дека СДСМ презема чекор да заврши играта на нерви од која најмногу страда народот.
Претседателот на СДСМ тврди дека условите на Мицкоски за здравствени протоколи и присуство на ОБСЕ биле само оправдување за одолговлекување, односно, приказни за мали деца.
Но најавува дека ДИК ќе треба да се договори со Владата за изборната регулатива, а таа ќе побара од претседателот Пендаровски нова вонредна состојба заради изборни потреби.
Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски веднаш се огласи преку социјалните мрежи.
-На изборите на 15-ти јули, среда, ВМРО ДПМНЕ ќе учествува и ќе победи…Двата услови кои ги баравме се прифатени, прво протоколи за заштита на здравјето на граѓаните, второ мисија на ОБСЕ ОДИХР за заштита на волјата на граѓаните.
Претседателот Пендаровски го поздрави договорот меѓу двете партии. Консензусот е душте еден показател дека во секоја зрела демократска земја неопходен е политички дијалог преку кој се носат усогласени одлуки во интерес на граѓаните.
И ДУИ го поздрави договорот. Велат дека, по здравствената и економска криза, избегната е политичка криза и дека одржувањето избори без консензус би ја влошило ситуацијата во недоглед.
Поздрав пристигна и од еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи. Договорот за избори го карактеризираше како важен сигнал за земјата, нејзините граѓани и за европскиот пат.
„Овој договор го трасира патот кон слободни, фер и инклузивни избори коишто ќе бидат набљудувани од ОБСЕ ОДИХР“, напиша Вархеи на Твитер.
Соња Николовска