
Партиите продолжуваат со неофицијалната предизборна кампања
Никогаш не е прерано да се почне со изборна кампања. Ова партиско мото летово не беше попречено ниту од здравствената состојба во земјата ниту од вонредната состојба која ќе трае најмалку уште една недела. Пресови, спотови, соопштенија, реакции, статуси и други објави ја потврдуваат предизборната атмосфера.
ВМРО ДПМНЕ порача дека катастрофалната состојба со вирусот се пресликува и во економијата: во првите месеци од оваа година, 25 одсто од планираните даноци не се наплатени, индустриското производство паднало за една третина, а направен е нов долг од 307 милиони евра.
СДСМ посочи дека Мицкоски се однесувал неодговорно на улицата „Боемска“, а неговите изјави потсетуваат на едни поранешни времиња кога власта предводена од ВМРО ДПМНЕ била и судија и полиција и изречител на казни. Истовремено, преку социјалните мрежи власта говори за своите успеси.
-Минималната плата ја покачивме за 5.500 денари, односно, од 9.000 денари пред да дојдеме на власт, таа сега изнесува 14.500. Просечната плата пред економската криза предизвикана од пандемијата достигна 27.000 денари.
Во кампања е и ДУИ. Последниве два дена е концентрирана на тезата дека е време да се избере албанец за премиер. Лидерот Али Ахмети во видео спот порачува: „Пријатели, дојдено е време да се обединиме, затоа што кога сме обединети, се е можно, како што бевме обединети во ОНА за време на војната или при изборот на првиот албанец за претседател на Собранието, зачленувањето во НАТО и отпочнувањето преговори за членство во Европската унија“.
„Не можете да ги изманипулирате албанците желни за промена“, му возврати Алјансата за албанците. Во партијата на Зиадин Села велат дека Ахмети е лидер што го напуштиле голем број искрени и кредибилни припадници на поранешната ОВК. Го потсетуваат дека не поддржал заеднички кандидат на албанците за претседател на државата.
Во кампања влегуваат и другите партии кои имаат поднесено кандидатски листи. Доколку вонредната состојба не се продолжи а власта опстои на намерата избори да има на 5-ти јули, од 15-ти јуни кампањата почнува и официјално.
Соња Николовска