
Партиите поделени, тешко дека летово ќе има избори
Малку е веројатно дека во Македонија ќе има избори во јуни или јули. Ситуацијата во Србија, од каде стигнуваат најави за избори налето, тешко дека ќе се преслика и кај нас. Изјавите на партиските лидери се контрадикторни: од една страна тврдат дека сакаат избори, од друга, велат дека сега не е време. Поделени се и околу понатамошниот тек на политичкиот процес во државата.
Лидерската средба, која на барање на ВМРО ДПМНЕ, претседателот Стево Пендаровски ја најави за првата половина на мај, од СДСМ веднаш ја одбијасо образложение дека сега не е време за избори. Мицкоски тврди дека, главната причина поради која бара лидерска, не се изборите, туку иницијативата на СДСМ и коалициските партнери кои бараат повторно свикување на Собранието, што според него, ќе биде сериозен преседан и директно кршење на Уставот.СДСМ, пак, не се откажуваат од идејата. И денеска му порачаа на претседателот на Собранието,Талат Џафери, кој четврти ден молчи, конечно да се произнесе.
Претседателот на ДИК, пак, смета дека Џафери е тој што ќе треба да ги распише и изборите. Но, Уставниот суд првин треба да го поништи претходното решение за избори.Сите други постапки ќе водат во нови правни лавиринти и лоша пракса во иднина.Смета дека за технички подготовки, кампања и ажурирање на Избирачкиот список, се потребни околу 50 дена. Измени, вели, треба да претрпи и Избирачкиот список, кој се` уште не е затворен, бидејќи во меѓувреме настанале промени во него. Но, за да почнат да се преземаат изборни активности, најпрво треба да се одреди датумот на изборите. Министерот Филипче денеска укажа дека, изборите сега не се приоритет.
Коалициониот партнер во власта, ДУИ начелно ја поддржуваат идејата за консензуално носење на одлуките. Велат дека не е важно дали тоа ќе биде лидерска средба или видео врска, за нив е значајно, сите следни политички чекори да се утврдат заеднички.
Лидерите досега се договараа за датумите за формирање на техничка влада, распуштање на Собранието, предвремените избори, па и за одложувањето на тие избори.
Далиборка Демјанска