
Партиите на Албанците во Македонија подготвени за влез во власта
Најавата на премиерот за реконструкција на владата напролет, како и за зголемување на владејачкото мнозинство на 70 пратеници во Парламентот, го омекна вокабулаот на партиите на Албанците во Македонија. По острите зборови што последните месеци си ги упатуваа едни на други, сега сите изразуваат подготвеност да ја разгледаат понудата од Заев, доколку ја добијат.Гостиварскиот градоначалник, Арбен Таравари, поради кого и неговата партија, Алијанса за Албанците излезе од власта, а деновиве јавно се препукуваше со министерката за образование која му ги одзема ингеренциите да именува директори на училишта, во саботата даде сосема поинаква изјава.
„Немаме конкретна понуда. Ако има понуда од Заев за влез во Владата, партијата ќе ја разгледа“, изјави Арбен Таравари од Алијанса за Албанците.
Подготвеност за влез во власта има и кај ДПА, но и кај двете крила на БЕСА. Двајцата пратеници блиски до Касами се поблиску до соработка со двајцата пратеници на Зијадин Села. Тројцата пратеници на Гаши, пак, заедно со двајцата од ДПА би биле новата пратеничка група.
„Доколку има понуда ќе ја разгледаме и ќе одлучат органите на партијата, земајќи ги предвид сите околности“, изјави Абдуш Демири од БЕСА, крилото на Билал Касами.
„Сега за сега имаме само контакти, средба немало. Гаши неколкупати во јавноста спомна дека затоа што сме на прагот на НАТО и ЕУ, ние сме подготвени да помогнеме во процесот“, вели Орхан Муртезани од крилото на Африм Гаши во БЕСА.
Политичкиот аналитичар, Алберт Муслиу вели дека е очигледна подготвеноста сите да влезат во власта. Суетата и тешките зборови нема да бидат пречка таа коалиција да функционира, но останува на премиерот, сето тоа добро да го менаџира. Се е можно да се надмине, доколку постои интерес.
Муслиу вели и дека, премиерот овојпат нема толку големи грижи за апетитите на партиите, затоа што нивните преговарачки позиции се ослабени.
Премиерот деновиве изјави дека за него е поважно првин да се зголеми мнозинството во Собранието, а тоа неминовно ќе повлече и владина реконструкција.
Далиборка Дамјанска Цветановска