
Партиите ги кријат адутите за техничка влада
Партиите ги кријат адутите за премиер и министри во техничката влада што ќе треба да се формира во јануари, во пресрет на предвремените избори. Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, ги отфрли шпекулациите дека тој е најсериозен кандидат да седне на местото на Заев во првите сто дена од идната година.
Нема потврда ниту од министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
Во СДСМ велат дека допрва ќе расправаат за тоа, кој ќе ги заземе заменик-министерските позиции со право на вето во Министерствата за внатрешни работи и труд и социјална политика, каде што министрите ќе бидат од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. И нивните имиња, опозицијата засега ги крие.
Не се открива ниту кој со кого ќе коалицира, иако јавно веќе почнаа препукувањата на оваа тема. По изјавата на Мицкоски дека, кога оди по Тетово и Гостивар, Албанци му приоѓаат и го гушкаат, Заев иронично му врати дека можеби го гушкале од Алијанса за Албанците,на што доби и контра-одговор.
Ниту Арбен Таравари не се воздржа од коментар, велејќи дека, Заев со ова само потврдил дека повторно ќе коалицира со ДУИ.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека, ќе коалицираат со сите што ќе се согласат со нивните програмски определби. Не откриваат кои се коалиционите партнери на СДСМ со кои нивниот претседател, Мицкоски, како што синоќа изјави самиот, водел преговори за соработка.
Далиборка Цветановска