Партиите без конечен став за гувернерскиот кандидат

Политичките партии немаат конечен став околу последниот предлог на претседателот Иванов, гувернер на Централната Банка да биде актуелната вицегувернерка Анита Ангеловска Бежоска. ДУИ која го фаворизира изборот на Фатмир Бесими, молчи околу прашањето кој ќе ја води НБРМ во следните 7 години, а пратеничката група на СДСМ и Коалицијата, позитивно гледа на новиот предлог.

„Имајќи ја предвид нејзината импозантна биографија, богатото искуство и нејзините професионални постигнувања, јас воопшто не се сомневам дека генералниот став на нашата пратеничка група во врска со овој предлог ќе остане непроменет – дека ќе биде позитивен и дека само ќе биде потврден на претстојната координативна средба на пратеничката група, изјави Томислав Тунтев Координатор на пратеничка група“.

Опозициската ВМРО ДПМНЕ нема јасен став дали за нив Бежоска е прифатлив кандидат за гувернер на НБРМ, велат дека предлогот на Иванов сеуште го разгледуваат. Иако мандатот на гувернерот Димитар Богов истејкува на 20 мај дел од експертите сметаат дека не треба да се драматизира ако не се постигне консензус и околу овој предлог на Иванов, други пак дека таквата состојба ќе ја наруши монетарната стабилност.

Доколку за предлогот за Анита Ангеловска Бежоска биде постигнат консензус, таа ќе биде првата жена што застанала на чело на НБРМ.

Виолета З Стојановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ