Парно до понеделник нема да има и покрај ладното време

На скопјани им студи во последниве денови, но парно немаат, а нема ни да имаат до понеделник, први октомври. Тогаш ќе стартува грејната сезона доколку продолжат ниските температури, или согласно Правилникот, да бидат под 12 степени по 21 часот, три дена по ред.

Регуларно грејната сезона стартува на 15 октомври, но најголемиот производител БЕГ, а и другите снабдувачи, ја информирале Регулаторната комисија за енергетика дека се подготвени да почнат и две недели порано, од стартот на идниот месец.

„Не може грејната сезона да започне сега, од 26-27 септември, од причина што и по правилникот е наведен први октомври. Ние бевме во комуникација и со Управата за хидрометеоролошки работи, ни кажаа дека нема да бидат исполнети до крај условите за да има ниски температури, бидејќи се очекува и зголемување на температурите“, вели Бислимовски.

Регулаторите објаснуваат – ако сега ги натераме снабдувачите порано да пуштат парно, тоа значајно ќе ги зголеми нивните трошоци, па тие ќе го поскапат и товарот ќе падне врз џебот на граѓаните.

„Мислиме и на општиот интерес, бидејќи сите трошоци во невообичаените режими на работа се далеку повисоки од вообичаените, па тоа на крај ќе треба да го платат граѓаните преку зголемување на цената на топлинската енергија“, вели Марко Бислимовски, претседател на Регулаторна комисија за енергетика.

Заради топлото време овој месец, домовите се сеуште топли, вели Бислимовски, а и да не бидеме единствената земја во Југоисточна Европа што грејната сезона ја стартува во септември.

Дел од граѓаните велат дека е ладно, но ќе издржат уште неколку дена.

Во наредниот период ќе се работи на нови правила и ќе се разгледаат можностите грејната сезона да почнува и пред први октомври, но откако добро ќе се испита финансиското влијание.

БЕГ ги повика граѓаните да ги проверат системите и да пријават евентуални дефекти, по што нивната служба ќе ги отстрани навреме, за потоа да не дојде до пукање на вентилите.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ