
Папата Франциск во вила Водно
Звуците на националната химна на Ватикан одекнаа од платото пред Претседателската резиденција. Воениот орекстар ја изведе и химната на Северна Македонија, по што, папата Франциск и неговиот домаќин, претседателот Ѓорге Иванов, извршија смотра на почесната гарда.
Пред влезот во вила Водно, ги пречека државна делегација предводена од премиерот Заев, новоизбраниот претседател Пендаровски и неколку министри, како и првите луѓе на Католичката црква во Македонија, предводени од бискуп Киро Стојанов.
Обраќањето на папата Франциск ги доведе во иста просторија државниот и политичкиот врв, дипломатскиот кор и цивилниот сектор, а протоколот ги седна еден до друг лидерите Али Ахмети и Христијан Мицкоски. Поглаварот на католичката црква ја посочи нашата земја како мост меѓу Истокот и Западот. Потсети на хуманоста за време на бегалската криза и на мисијата на скопјанката Мајка Тереза.
“Ве охрабрувам да го следите верно започнатиот пат и да ја направите вашата земја светилник на мирот, гостопримството и интеграцијата која ќе роди плодови меѓу културите, религиите и народите. Тргнувајќи од соодветните идентитети и динамиката на нивниот културен и цивилен живот, тие ќе можат да изградат заедничка иднина, учејќи се од богатствата што секој од нив ги носи со себе” – изјави папата Франциск.
Иванов и неговото семејство имаа посебна средба со папата. Му подарија резбан албум со фотографии од христијанската историја. Во обраќањето, Иванов рече дека бил во големо искушение да говори за мисијата на апостол Павле, на светите Кирил и Методиј, шествековното искуство со исламот и за најпознатата ќерка на соживотот – Мајка Тереза.
Но, одбрал да говори за сегашноста и ги повика сите да се вклучат во духовната обнова на македонија пред да биде предоцна..
Ова не е ден за поделби, туку ден за сплотување, единство и соживот, одговори премиерот Заев на прашањето за пораките на Иванов. Премирот, кој во придружба на семејството, исто така имаше одвоена средба со папата, рече дека гостинот треба да биде инспирација за нашиот народ.
Оваа историска посета на папата, проследена со поширок медиумски интерес, се случува на 25 годишнината од воспоставувањето дипломатски односи со Ватикан.
Соња Николовска