
Пановски: Воинот на коњ и Порта Македонија се дивоградби
Споменикот „Воин на коњ“ и Порта Македонија се дивоградби и тие треба да бидат или отстранети или легализирани, вели архитектот Мартин Пановски член на работната група за анализа на „Скопје 2014“. Сите досегашни извештаи на објекти што ги истражиле говорат дека процедурите уште на самиот почеток се противзаконски. Дополнителен проблем е што не може да се најде целосна документација за проектите, вели Пановски, во неделното интервју за Радио Слободна Европа .
„Бидејќи од самата надлежност која ја има за поставување на споменици веќе ниедна не е преку Собрание кое што е надлежно за поставување на споменици. Сите се речиси поставени или од општина или се од град. Од тој момент натаму се би требало да биде ништовно. Толку е замрсена работата, одредени проекти не може ни да се најдат кај се бидејќи процедурално се водени: одлуката на општината е под едно име, проектот е друго име, дозволата е трето име“, вели претседателот на Асоцијацијата на архитекти Мартин Пановски.
За општините е важно пред се по службена должност најпрво да утврдат кој ја издал градежната дозвола и дали некој ќе одговара за тоа, смета Пановски.
„Одлуката е дали ќе го почитуваат законот или не. Се знае и ова е пропишано со бесправно изградани објекти, може да го пуштат за легализација, тоа е исто така одлука бидејќи законот сеуште важи. Може општините да дадат да се легализираат тие објекти, во моментов се дивоградби. И на крајот што со таа одлука, што со тој дел мислам дека ќе биде политичка одлука, а не стручна“, вели Пановски.
Работната група формирана за проектот „Скопје 2014“ до сега изготви и достави на разгледување пет елаборати. За спомениците на Андон Јанев Ќосето, Воинот на коњ, Филип Втори, за Порта Македонија и скулптуралната композиција Мајка Тереза. До сега Град Скопје го дислоцираше само споменикот на Ќосето, со објаснување дека е дивоградба.
Нина Стефанова