Пандорината кутија отворена заедно со Уставот?!

Охридскиот рамковен договор веќе е дел од Уставот, амбициите да не се ставаат пред Договорот од Преспа. Ова е реакцијата на премиерот по синоќешната изјава на вицепремиерот Бујар Османи, во Топ Tема, дека Охридскиот договор треба да стане дел од Преамбулата на Уставот како дел од конститутивните документи на државата. Заев, сепак, потврди дека за ова се разговара на ниво на потпретседатели, иако се уште не е утврден став. Вели дека, за него сега се приоритет разговорите со новата пратеничка група произлезена од ВМРО-ДПМНЕ, за понатамошна поддршка на уставните измени, а не ваквите барања.

Заев не очекува дека поради неисполнетите барања, некој ќе ја условува интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО.  Вицепремиерот, пак,  синоќа изјави дека Охридскиот рамковен договор треба да се прецизира во Преамбулата на Уставот бидејќи е решение за мултиетничка Македонија.

Од БЕСА и од Алијанса, бараат изедначување на македонскиот и на албанскиот народ во Преамбулата, а албанскиот јазик да стане официјален на целата територија на државата. Денеска не одговорија директно, дали нивните барања ќе бидат услов за поддршка за уставните измени. Чекаат покана за средба со премиерот.

Правните експерти кои ги консултиравме тврдат дека барањата на партиите на Албанците не треба и нема сега да бидат прифатени. Таквиот потег, велат, бара големи јавни дебати и анализи особено околу тоа, како сето ова би се одразило на Договорот со Грција?.

Нацрт-амандманите првично требаше да бидат доставени во Собранието најдоцна до 26-ти октомври, но рокот се пролонгираше. Сега се очекува до петок да бидат дефинирани и да се најдат на увид пред пратениците.  За содржината на амандманите, премиерот се консултира со тројца правни експерти, но и со својот грчки колега Алексис Ципрас. Потоа почнува собраниската процедура, во чии рамки прво ќе се отвори дебата во Уставната и Законодавно-правната комисија. Очекувањата се дека се ќе заврши до втората половина на јануари.

Далиборка Дамјанска Цветановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ