Панчевски против „обвинетата“ Катица

Речиси два часа поранешниот претседател на скопскиот Кривичниот суд Панчевски давал исказ како оштетен во обвинителството. Беше повикан откако поднесе кривична пријава против специјалните обвинителки Катица Јанева и Ленче Ристовска, истражителот на СЈО, Видое Лучкаровски и претседателката на гевгелискиот суд Злата Попова. Смета дека сите заедно постапувале незаконито за претресот кој е извршен во неговиот кабинет и во неговиот дом во рамки на предистражна постапка на СЈО за оддавање на службена тајна. Панчевски цело време ја нарекуваше Јанева, „обвинетата“ и вели дека побарал и неговите адвокати да бидат присутни за време на нејзиниот распит, доколку скопското обвинителство ја покани.

Од СЈО и од тимот на Јанева не сакаа да ја коментираат постапката која ја води скопското обвинителство по поднесена приватна кривична пријава. Кратко соопштија дека не добиле никаква покана за распит.

Претресот за кој Панчевски смета дека е незаконски одобрен и извршен, се одвиваше на 5-ти октомври лани. СЈО истражуваше кој ги открива нивните службени тајни, затоа што при претрес на домот на Љупчо Палевски открија дека од личниот компјутер на претресуваниот биле бришани фајлови со прислушувани разговори- и тоа во периодот откако судот ја одобрил наредбата за претрес во домот на скопскиот бизнисмен.

Додека беше претседател на основниот суд Скопје 1, постоеше голем анимозитет меѓу Панчевски и специјалното обвинителство – поради впечатокот за јавноста дека судот ги кочи и попречува истрагите на тимот на Јанева, а тој обвинуваше дека СЈО не го познава законот.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ