
Пад на имунизацијата – опасност од епидемија на морбили
Расте бројот на деца кои не се вакцинирани против мали сипаници. Најмалите деца најретко примаат доза од вакцината МРП. До ваквите поразителни факти дошле првите луѓе од здравството откако ги провериле вакциналните картони на децата до 14 годишна возраст. Од нив, вкупно 15.000 не се вакцинирани, што за здравствените власти е огромна бројка. Предупредуваат на опасност од ширење на епидемија на морбили.
Епидемијата во градинката во Радишани минатата недела ги крена на нозе првите луѓе во здравството. Тие итно, за три дена ги прочешлале сите картони во здравствените домови.
Во меѓувреме бројката на заразени во Радишани се зголеми за уште едно дете кое било во контакт со некое од болните. Наспроти тоа, отпорот кон вакцини останува речиси ист кај родителите кои досега не ги однеле децата да ја примат дозата. Само 12 од над 60 деца од градинката се вонредно вакцинирани, по епидемијата која зафати 6 деца и еден возрасен.
Чести компликации од мали сипаници се многу висока температура, дијареја и повраќање, ларингитис или пневмонија.
Петар Догов