
Отворено писмо Мијалков до Мицковски: Ти си лажен патриот
Христијан, без персирање почнува и на шест страници продолжува писмото на Сашо Мијалков полно со обвинувања против актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Го обвинува дека го лаже народот, дека е губитник кој со лаги и интриги сака да дојде на власт и дека сопратијците обвинети за 27-ми април ги оставил на цедило, а сега ќе бара амнестија.
Во стилот на секојдневните партиски прес конференции Мијалков поставува седум прашања до Мицкоски и во сличен стил праќа обвинувања на адресата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, за истрагите на СЈО и за хидроцентралите.
- Кој и како издејствува, ти Христијан кој беше ставен во предистражната постапка за предметот Талир, поврзан со финасирање на партијата во време кога ти беше генерален секретар, да бидеш тргнат од листата?
- Колку што јас знам, професори на факултет има многу, но само еден професор во Македонија, кој претходно немал сопствен бизнис, има милионски вредни хидроцентрaли кои носат милионски заработки во евра, а сето тоа без никаков ангажман, само врз основa на добиената концесија доделена од владата на ВМРО?
Мицкоски беше избран за генерален секретар на партијата два месеци по отварањето на истрагата Талир на СЈО, а со писмото не е објаснето како Мијалков знае кој е опфатен со истрагата. Исклучениот член на ВМРО-ДПМНЕ мејлот го пратил до сите медиуми, што за првпат се случува во конатактите на Мијалков со медиумите, а употребена е електронска адреса на Гмаил.
Мијалков негира дека вршел притисок врз пратеници како да гласаат или дека ги поткупувал и го вика Мицкоски да ги покаже доказите. Таквите обвинувања на партискиот потпретседател Александар Николоски, ги спореди со народната поговорка „кога чавките ќе се испоганат врз паднатиот орел“ и најави тужба против Николоски. Екс директорот на УБК и братучед на поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, во долгото писмо ја потенцира недолучноста на Мицкоски да заземе став за референдумот и за водство на евентуални протести против преспанскиот договор.
- Зошто Христијане во партијата на меѓусебни средби поврзани со решавањето на името говореше едно, а во јавноста друго, се до неодамна, кога пред повеќе недели нагло ја прекина комуникацијата со мене и по трет пат заради лични интереси го смени курсот во многу полоша насока за државата ?
Мијалков вели дека ВМРО-ДПМНЕ не го поразува СДСМ токму поради Мицкоски.
- Бидејки и покрај катастрофалните грешки на СДСМ, народот не ти верува Христијан. Ти чита од очите дека многу лажеш.
Писмото на Мијалков е пратено откако тој е исклучен од партијата поради непочитување на партиските директиви, а ВМРО-ДПМНЕ ги опиша своите ставови како криминалната коалиција Зоран Заев, Вице Заев и Сашо Мијалков.
Мицкоски не одговори на нашите повици и на испратената смс порака за коментар за обвинувањата.
Миомир Серафиновиќ
Целосниот текс од писмото на Мијалков до Мицковски на следниов линк.