Отворени прашања за ребалансот и најавената владина мерка

Критики и отворени прашања за ребалансот поставуваат експертите. Премиерот Заев и министерката Ангеловска треба да објаснат зошто паднале буџетските приходи во услови кога се труби за раст на стопанството, а не се намалени даночните стапки, бара поранешниот прв финансиер, Хајредини. Препознава популизам, кој и порано сме го гледале.

„Кај сите најавени мерки ми личи дека отсуствува конзистентност кај даночниот систем кој важи на долг рок. Секоја година да се менуваат министри кои најавуваат реформи, зборува за желба на Владата да се меша кај стопанските субјекти, да зема од едни, да дава на други“, вели Џевдет Хајредини, поранешен министер за финансии.

За стопанството се добри мерки со кои му се помага, но не сме сигурни кои ќе бидат ефектите од најавеното покривање на придонесите, велат од бизнисот. На фирмите повеќе им значат други мерки за подобра бизнис клима за кои се нема слух, а имаат и други резерви.

„Она од што компаниите најмногу стравуваат е оваа мерка да не се претвори во оправдување за паралелно да се зголеми минималната плата, за што и од нас и од меѓународните финансиски институции има реакции дека ако се вештачки наметнати може да донесат далекусежни последици“, вели Данела Арсовска, претседателка на ССК.

Во предложениот закон за субвенционирање на придонесите за кој власта ќе чека реакции, е наведено дека ќе може да го користат фирми што не се во стечај или ликвидзација, немаат неизмирени обврски за плати, и не користат други ослободувања преку некоја од владините мерки. Од Фајнанс тинк пресметале дека оваа мерка ќе го намали плаќањето во кеш, од 19,1 на 5,8 проценти и сигурно ќе ги зголеми просечните плати, а буџетот ќе го чини 90 милиони евра за три години. Но, има препораки и за измени на ова решение.

„Субвенциите да се ограничат на плати до 24 илјади денари, со што би се опфатиле 85,7 отсто од од примателите на плата во плико. Исто така, да се оневозможи, по завршување на мерката платите да се намалат и предлогот е со тек на годините, субвенциите да се намалуваат со текот на годините“, вели Благица Петрески, Фајнанс тинк.

Поранешниот советник на Тевдовски, Јовановиќ, преку Фејсбук праша зошто државата ќе субвенционира и менаџери со високи плати или во банки со високи профити.

Експертите со забелешки и за кратењето на капиталните инвестиции, но и за неуспехит на власта да ги реализира. Министерот Сугарески прстот го впери кон општините.

„Во мојот ресор нема намалување, туку пренасочување на средствата кои се од кредитни линии за железницата и водоводните системи, тука проектите нме ги доставиле општините, штом ги достават, ќе се потрошат идната година“, вели Горан Сугарески, министер за транспорт и врски.

Со ребалансот, парите за капитални инвестиции се скратија за 50 милиони евра.

Нина Нинеска-Фиданоска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ