
Отворена истрага за работењето на хидросистемот Ѓавато
МВР почна истрага за хидроистемот Ѓавато. Извори за Телма велат дека полициски инспектори повеќепати изминативе денови собирале информации и докази за состојбата во хидросистемот. Полицијата не сакаше да дава информации бидејќи истрагата само што е почната.
Државниот инсперкторат за животна средина во два наврата вршеше увид во Богданци и утврди дека е запустен, нерентабилен и дека Министерството за животна средина незаконски го управува седум години, а не му издало и дозвола за зафаќање на води од ѓаватското сливно подрачје. За Ѓавато не е прогласена и заштитна зона, иако водата ја користат за пиење, наводнување и за производство на електрична енергија.
Според досегашните сознанија седум години бесплатно се наводнуваат над 100 хектари земјоделска површина, а водата ја користи и јавното комунално претпријатие на Богданци, како и малата хидроелектрана на брегот на Дојранското Езеро. Поради ова Ѓавато е обврзан да испорачува минимум 200 литри вода во секунда, а работи со 400 литри вода во секунда за што се плаќаат до 60 илјади евра месечно за електрична енергија. Надоместот за користењето ан водата што го плаќа хидроелектраната изнесува 2.5 илјади евра месечно, а сите други корисници не плаќаат бидејќи минисетрството не може да врши наплата.
Од животна средина не одговараат зошто не е издадена дозвола за зафаќање на води и зошто не е прогласена заштитна зона. Ниту пак дали ќе бараат одговорност за седумгодишното незаконско управување со Ѓавато.
Одговорност никој не побарал ниту од раководителот Јован Попов, кој знаел за бесплатнто користење на водата во Ѓавато. Попов и самиот треба да биде предмет на истрага, најмалку од Антикорупциска комисија, бидејќи во изминатите години пвеќепати го прекршил законот за спречување на корупцијата. Имено, Попов покрај тоа што бил раководител на Ѓавато, во текот на 2016 година бил и управител на приватната компанија Млаз товарен транспорт од Богданци, што е спротивно на законот за спречување корупција, а повеќе години бил член и на надзорниот одбор на ТЕЦ Неготино, што значи од државата примал и плата и хонорар, а управувал и со приватна фирма. Попов не понесе никаква одговорност и заради ланскиот случај, кога ги тероризираше вработените во Ѓавато со тоа што канцеларијата ја претвори во болничка соба и таму боледуваше по тешката сообраќајна несреќа. Колегите ги приморувал да го негуваат, да му менуваат катетер и да молчат за неговиот престој во објектот.
Сузана Мицева