
Отворен зелениот покрив, за кафе бар во него ќе решава управата на ГТЦ
Градскиот трговски центар , кој ќе управува со зелениот покрив , ќе одлучи дали во него ќе се прави кафе бар, кој беше дел од првичниот проект, а започнатата градба беше прекината по реакциите во јавноста.
“Ако ГТЦ одлучи да постави таков тип на дополнителна деловна вредност на овој кров, тоа ќе биде веќе нивна проблематика. И ќе оди во рамките на деловното работење на самиот ГТЦ” – изјави градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.
Извршниот директор на ГТЦ демантираше дека под новоизградениот зелен покрив тече вода. Тој рече дека кофите биле поставени заради чистењето за отворањето на покривот и дека под него, по 30 години е поставена нова изолација која ги следи вибрациите на ГТЦ.
“Во иднина нема да има проблеми. И дуќаните кои што се под овој зелен кров можат мирно да спијат”- вели извршниот директор на ГТЦ, Ѓоко Трајчевски.
За зелениот покрив на ГТЦ, Град Скопје издвои 550 илјади евра.
Во него се засадени над 3600 дрвја и друго зеленило, за да се намали загревањето во градот, рекоа од УНДП, кои ја направија студијата за термалните острови во градот. Сега температурата ќе биде пониска, од порано.
Зелениот покрив се градеше според ревидираниот проект на „ Дом Дизајн“, кој наиде на критики од архитектите.
Во текот на градењето, два пати беше мета на вандали. Првиот пат градбата беше оштетена во висина од околу 5000 евра, а вториот обид за демолирање, заврши без успех за сторителите.
Сотир Трајков