Oтворен е стечај за Штипски Бетон

Трите фирми кои доставија барање за покренување на стечајна постапка за штипската градежна компанија Бетон побарауваат вкупно 76.760.000 денари или над 1. 233.000 евра.

Врз основа на нивните побараувања и извештајот на привремениот стечаен управник денеска судијата Маја Џорлева во рок од 45 минути ја донесе одлуката.

Освен трите фирми, чии претставници денеска присуствуваа на рочиштето, откако судот ќе го објави огласот во службен весник во рок од 15 дена ќе можат и други фирми, институции и вработени да пријават колку Бетон им должи.

Судијата кој ја води постапката појаснува дека стечаниот управник сега ќе мора да направи и попис на имотот на Бетон, со цел да ја утврди неговата вредност за да се подмират побарувањата на доверителите.

Вкупната заработка на Бетон од седумте објекти на проектот Скопје 2014 изнесуваше 55 милиони евра.

Оваа фирма за јавноста беше интересна и по тоа што во сопственичката структура се споменуваа и познати бизнисмени и политичари,  а нејзиното име се слушаше и во бомбите, кои се најдоа во доказните материјали на Специјалното јавно обвинителство.

Проблемите почнаа да се гледат минатата година со изградбата на новата клиничка болница во Штип, кога вработените ја прекинуваа работата заради неисплатени плати, а лани грчката фирма Интеркат го раскина и договорот на Бетон, кој беше подизведувач на изградбата на болницата.

Викторија Јованова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ