Отворање на нов рудник во Пробиштип нема да биде дозволено

Рударскиот град Пробиштип се спротистави за отварање на нов рудник за злато и сребро. Локалната власт е категорична дека нивното мислење за отварање на нов рудник на северниот дел од градот ќе биде негативно. На Плавица или какошто месното население не случајно ја нарекува Златица подолго време се вршеа истражувања, сега овие компании бараат да се отвори рудник со површински коп, по примерот на радовишки Бучим и да се изгради ново хидројаловиште, односно рударска брана.

Компанијата „Силген Ресурсис Интернешнл“  до министерството за животна средина има испратено известуивање, во кое се вели дека по завршените геолошки истражувања сака да почне со експолатација на руда. Бара концесијата да се простира на површина од  околу 17 квадратни километри, а наведуваат  дека ќе користат средства кои ќе имаат минимален ефект врз животната средина.

  • Отпадот од експлоатација на минерални суровини (рудничка јаловина) заедно со отпадот од преработка на суровините(технолошка јаловина) предвидено е да одлага на посебно проектирано заедничко комбинирано одлагалиште за отпад во рамките на концесиското поле. Одлагалиштето ќе биде проектирано и изведено со целосна хидроизолациона заштита на почвата и водите, вклучувајќи и мониторинг на истите„, пишува во известувањето на компанијата  до Министерството за животна средина.  

Но, пробиштипскиот градоначалник наведува дека  во моментов кога бараат да се затвори најголемото жариште на болести, а тоа е старата рударска брана или  хидројаловиште, кое се наоѓа на влезот на градот, како локална власт не можат да дозволат да се изгради уште едно такво жариште. Потребни се пет милиони евра за да се рекултивира оваа стара брана од 50 хекатри , во која се трупало јаловина од преработката на рудата од рудникот Злетово.

Пробиштип е град каде што работат неколку индустриски капацитети од тешката индустрија, а наскоро се очекува да стартува и лаерницата Краунфилд фаундри.

Викторија Јованова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ