
Отсуството на Мијалков ја одложи „Тортура“
Екс-директорот на УБК, Сашо Мијалков повеќе не живее на адресата наведена во обвинението и личната карта туку под поранешниот хотел Панорама, објасни неговиот адвокат Љупчо Шврговски, зошто судската покана се вратила во судот како неуредна и неговиот клиент денеска не се појави на судењето за Тортура.
Адвокатот и вети на судијката дека дополнитлено ќе и ја даде точната адреса на која сега живее Мијалков. Претходно обвинителите од СЈО рекоа дека следната недела екс-директорот на УБК треба да се појави два пати во Кривичен за судењето „Таргет-Тврдина“ за прислушувањето, и во четврток кога доаѓа во судот за редовно пријавување како дел од мерките на претпазливост, па и предложија на судијката да ги искористи тие две можности за врачување на поканата и документите.
Со маица со ликот и името на Мијалков, пред судот дојде Ангеле Зафировски познат како Бате Геле, кој летоска доби условна осуда за учество во толпа во собранието од 27 април.
Мијалков е првообвинет за апсењето на Љубе Бошкоски и другите 6 обвинети припадници на единицата Алфи кои дојдоа во судот да одговараат за мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување. Дојде и Бошкоски. Никој не сакаше да даде изјава за медиумите. На почетокот на месецов Апелација ја прифати жалбата на СЈО и одлучи да му се суди и на поранешниот директор на УБК.
Првото рочиште се одложи, бидејќи се чекаше одлуката на Апелација по жалбата на СЈО кое беше неадоволно од одлуката на Кривичниот суд да не го одобри обвинението за Мијалков.
Елена Ивановска Мукоска