Отплатата на долговите на винарниците и на ЕВН популистички удар врз буџетот?!

Класична злоупотреба на буџетот на граѓаните за популизам и политичка пропаганда. Вака поранешниот министер за финансии, Џевдет Хајредини ги  оценува владините одлуки, да се исплатат долговите на приватните винарници кон лозарите и да се отпишат застарените долгови за струја кон ЕВН.  Вели дека, со овие потези се фаворизираат одредени фирми врз грбот на граѓаните. За него е сосема погрешен и терминот „обештетува„, што деновиве се користи на прес конференциите.

За Хајредини, договорот со ЕВН е многу посложен од тој со винарниците. Фирмите што пружаат услуги, вели, се потенцијален извор на корупција. Во нивен интерес е да поткупуваат функционери и да бидат во добри односи со владите за да им ги чуваат монополите. Вели дека и сумата од 100 милиони евра долг на граѓаните треба да се земе со резерва, а се сомнева и дека договорот со ЕВН на крај повторно ќе заврши во корист на компанијата.

Премиерот деновиве најави дека, постои волја, да се избришат долгови за струја  кон ЕВН на  200 илјади семејства, во вкупен износ од 110 милиони евра. Се работи за стари долгови за струја до 2006-та година, на граѓани заглавени со извршители и блокирани сметки. Овој потег предизвика лавина реакции на социјалните мрежи дека граѓаните што редовно си ги подмируваат сметките се чувствуваат измамено, а има и прашања од типот: „Зарем долг стар повеќе од 12 години се плаќа воопшто?Дали институтот на застареност никому ништо не му значи?„. Новата мерка на СДСМ, пак, за  исплата на  долговите на приватните винарници кон лозарите ќе изнесе 1 ипол милион евра од буџетот.

За ова во Собранието ќе треба да се направат предлог- измени на Законот за земјоделство и рурален развој.

Далиборка Дамјанска Цветановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ