Откри ли Милошоски државна тајна во Собранието за преговорите со Грција?

Опозицијата бара пристап до класифицираните материјали во Собранието доставени од претседателот Иванов за лидерските средби одржани во јануари и и мај годинава. Тогаш премиерот Заев и министерот Димитров го информираа политичкиот врв за начинот на кој се водат преговорите за името со Грција и за државните позиции.

Антонио Милошоски, кој воедно е и претседател на собраниската комисија за надворешна политика го спречи излагањето на министерот Димитров за извештајот од неговото работење. Пратеникот на опозицијата бил и предупреден од спикерот Џафери да не открива детали од класифицираните документи. Сепак, на расправата на комисијата Милошски го одоложи експозето на Димитров, барајќи овие класифицирани документи да бидат разгледани за потоа да се оценува работата на министерот.

Првиот македонски дипломат тврди дека во податоците нема ништо спорно, но тие е штетно да излезат во јавноста, како во Македонија, така и во Грција бидејќи ќе го отежнат целиот процес на договорот.

Опозицијата постави и теза дека власта ги крие деталите за да избегне соочување со јавноста. Милошоски вели дека Димитров ги менувал ставовите од потврди кон помеки за решавањето на спорот за името, а тврди дека од МНР не добиле документи за средбите со Коѕијас. Со увид во класифицираниот материјал Милошоски смета дека пратениците ќе имаат подобра дискусија.

Со тоа не се согласува владејачкото мнозинство. Од СДСМ најавија кривична пријава против Милошоски за откривање на државна тајна од класифицирани документи.

Зеќири вели дека Милошоски од 2015 година нема ниту безбедносен сертификат, па така нема право на пристап до информации од класифицирани документи. Кривична пријава СДСМ ќе поднесе и против претседателот Иванов. Расправата во комисијата за надворешна политика ќе продолжи утре.

Христијан Станоевиќ

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ