
39 казни до 4000 евра за 47 непослушници на владините мерки
Струшкото обвинителство предлага казна од четири илјади евра за 36-годишен жител на селото Драслајца. Дошол од Данска, потпишал изјава за самоизолација од 14 дена, а истиот ден сакал да оди во Албанија преку граничниот премин Ќафасан.
Обвинителството бара казна од 100 дневни глоби, односно две илјади евра за жителка на Ресен. Таа се вратила од Словенија преку Табановце, потпишала изјава за самоизолација, но наместо дома, отишла на гости кај пријателка во Кичево.
Казна од три илјади евра се предлага за жител на Ресенското село Стење, кој дошол од Холандија. Полицијата два пати го побарала но не го нашла дома.
Ова се само неколку примери за непочитување на определените мерки.
СКОПЈЕ РЕПУБЛИКА
ВО ИЗОЛАЦИЈА 215 349
КОНТРОЛА НА ИЗОЛАЦИЈА ВО 24 ЧАСА 182 390
САМОИЗОЛАЦИЈА 1088 3787
КОНТРОЛА НА САМОИЗОЛАЦИЈА 712 3252
ОТКРИЕНО НЕПОЧИТУВАЊЕ ЗА 24 ЧАСА 6 27
КОНТРОЛА НА ОБЈЕКТИ 81 462
ЗАТВОРЕНИ ОБЈЕКТИ 3 6
„Заклучно до денес, како резултат на контроли, поднесени се вкупно 39 кривични пријави и едно известување по член 205 и 206 за 47 сторители, рече Наќе Чулев, Министер за внатрешни работи на РСМ
Овие лица се гонат поради непостапување според здравствените прописи за време на епидемија. Предвидени се парични казни или затвор до една година. Министерот Чулев соопшти дека на подрачјето на град Скопје под здравствен надзор се 215 лица, а во државата 349, а во самоизолација се 1088 во Скопје и 3787 во државата. Се вршат контроли два пати дневно. Во последните 24 часа се евидентирани 6 непочитувања на мерките во Скопје и 27 во другите краишта. Откриени се и непочитувања за неработење во 3 објекти во Скопје и 6 во државата. Чулев потсети дека забрането е одење на Водно од 18 попладне до 6 наутро и собирање на повеќе од 5 лица.
Соња Николовска