
Отец Душан го продава старото училиште во с. Црешнево – градоначалникот ќе истражува како го купил
Автомобили, станови, куќи, и едно основно училиште на продажба. Огласот е вистинит, а 4-ти ден нема купец за старото основно училиште во селото Црешнево во општина Македонски Брод.
Го купил пред 5 години на лицитација од општината како стар објект, а сега му бара 14 илјади евра.
120 квадрти површина, дебели ѕидови од камен, а со мала адаптација може да се претвори во прекрасна викендичка, навел во огласот отецот од Скопје, Душан Наумовски кој тврди дека поседува имотен лист и уредно го купил на лицитација.
Ова е втор обид на Наумовски да најде купец за старото основно училиште.
И во 2016-та го огласил имотот, не нашол купувач, а разочаран вели дека никој не сака да инвестира во оваа општина.
Не сакаше да ја снижи цената, бидејќи објектот е изграден пред втората светска војна, по југословенски градежни стандарди.
Додека, Наумовски бара купци, градоначалникот на општина Македонски Брод, Живко Силјановски испитува како неколку вакви објекти во Поречието, биле оттуѓени од неговите претходници и завршиле во приватна сопственост без претходно имотот уредно да се заведе како сопственост на општината.
Процесот државен објект да заврши во приватна сопственост започнал со постапката за децентрализација кога државата имотите ги препушти на локалната самоуправа.
Но, колку и што е отуѓено нема јавно достапна информација за оваа општина. Истиот огласувач, Отец Душан во 2016-та поставил сличен оглас за продажба на основно училиште, но во селото Вир, кое се наоѓа на околу 5 километри јужно од Црешнево.
Додека во Црешнево го нудел за викендица, во Вир објектот го продавл како погоден за луѓе кои сакаат да се занимаваат со сточарство и пчеларство, со пониска цена. С. Црешнево има училиште со десетина ученици чиј што број од година во година опаѓа заради масовното исселување и намалениот наталитет.
Павле Беловски