Осум починати, нови 136 заразени, Скопје со 80 нови Ковид пациенти

136 новозаболени и 8 жртви денеска од Ковид 19. По благиот пад вчера, бројките повторно се искачија. Во меѓувреме владата одлучи да ги отвори границите и аеродромите, а сите македонски државјани ќе може да се вратат во татковината без негативен тест и без обврска од 14-дневна самоизолација. Премиерот Спасовски тврди дека одлуката е донесена врз основа на препораките на комисијата за заразни болести.

Скопје со 80 новозаболени граѓани е повторно на врвот на Ковид табелата со потврдени случаи. Во целата држава се регистрирани вкупно 136 случаи од 1208 тестирања односно 11,26 проценти од тсетираните се зарзени со вирусот. После Скопје, само Тетово има двоцифрен број на заразени, 24-ца. Куманово има 6 нови пациенти од Ковид-19, Охрид -5, Гостивар и Ресен по 4 позитивни случаи. Во вкупно 15 градови се регистрирани нови заболени од корона.

Број на заболени во деноноќие:

Вкупно 136 (1208 тестирања, 11,26% позитивни од тестирани)

– Скопје 80

– Тетово 24

– Куманово 6

– Охрид 5

– Гостивар, Ресен 4

– Прилеп, Велес 3

– Штип , Струга, Струмица, Крива Паланка, Кочани, Кичево, Неготино 1

8 граѓани се починати, а здравство во билтенот не ја објави нивната старост и болницата каде биле згрижени. По две нови жртви бележат Скопје, Куманово и Тетово, а починати има и во Велес и во Кичево.

Со 43-ца оздравени, бројката активни случаи се зголемува и сега изнесува 3095. Најмогу активни има во Скопје 1.785, од кои над 400 пациенти се во општина Чаир. Досега починале 259 луѓе, а процентот на позитивни случаи од тестираните веќе се приближи на десет проценти.

Статистика за Ковид-19

Дневно ниво: 136 позитивни, 8 починати, 43 оздравени

Вкупно ниво: 5445 позитивни, 259 починати, 2091 оздравени

Активни случаи-3095.

Процент на позитивни од тестирања. (9,9999%- 54.456 т./ 5.445 з.)

Меѓу благиот пад со вчерашните бројки и денешниот раст- владата одлучи да ги отвори граничните премини без потреба повратниците да носат негативен корона тест и без обврска да останат во две недели самоизолација. Директорот на Центарот за јавно здравје-Скопје, Арбен Зибери кој е и кандидат во втората изборна единица преку партиската парола и својот фејзбук профил истакна дека тој и другите членови на комисијата за заразни болести одлучиле да се отворат границите за да дојдат иселениците без протоколите на СЗО за самоизолација. Премиерот Спасовски тврди дека одлуката за отварањето на границите не треба да се злоупотребува во политички цели, затоа што одлуката е донесена врз основа на здравствени критериуми, а не како политичка одлука.

Откако СДК.мк повикувајќи се на неименувани извори од Комисијата за заразни болести, објави дека комисијата не препорачала датум за отварање на границите туку требало дополнителна расправа на таа тема, Министерството за здравство демантира и тврди дека одлуката за отварање е доенсена во комисијата на 22-ри јуни. Изборот на датум бил оставен на владата откако комисијата ги подготвила протоколите.

Миомир Серафиновиќ

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ