
Осум кандидатури во ВМРО-ДПМНЕ за претседател
ВМРО-ДПМНЕ очекува покрај 8 те кандидатури во партсикото седиште по пошта да пристигнат уште неколку апликации. Конечниот број и имињата ќе ги објават во вторник. На сите кои ги исполнуваат законските услови партијата ќе им обезбеди време и простор за презентација на програмата пред општинските комитети и членовите во периодот од 6 до 16 февруари. Во јавноста се познати имињата на тројца кандидати, Влатко Ѓорчев, професорката Гордана Силјановска и Филип Петровски. Извори за Телма велат дека раководството на ВМРО-ДПМНЕ ја фаворизира Силјановска, која меѓудругото била и во роднински врски со лидерот на партијата Христијан Мицкоски. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски вели дека нема поделби на партиското членство во однос на кандидатите.
Но со ова не се согласува демократската фракција на ВМРО-ДПМНЕ и бара да се стави крај на, како што велат, обезличувањето на партијата и обидите таа да згасне. Последните потези со фаворизирање на надпартиски кандидати за претседтаел или пак охрабрување за кандидатура на истрошени партиски кадри го исфрлаат на виделина девалвирањето на ВМРО-ДПМНЕ. Сценариото и епилогот на партиската конвенција се однапред познати и тие се копија на Кумановскиот и Валандовскиот партиски конгрес со однапред познат победник и сигурни гласачи, се вели во соопштението на демократската фракција.
ВМРО-ДПМНЕ не е загрижено за ваквиот став затоа што нивната партија според Статутот не признава фракции. Уште еднаш го повикаа СДСМ да донесе одлука заедно со претседателските да се одржат предвремени парламентарни избори. Во спротивно ќе мислат дека партијата бега од соочување со граѓаните и планира да ги фалсификува претседателските избори.
Од СДСМ велат дека барањето за предвремени избори е со единствена цел, Мицкоски да ја распушти пратеничката група која не ги подржува неговите погубни политики. Она што е очигледно е дека конкурсот за избор на претседателски кандидат е една обична фарса а Мицкоски лично го бира неговиот фаворит.
Јулијана Пешевска