
Осум и пол милиони евра за попис 2021
Пописот се одложува за една година, но методологијата и предвидените трошоци остануваат. Во буџетот за 2020-та треба да се предвидат околу 3 и пол милиони евра за софтвер, компјутери и друга опрема, а во 2021-та ќе бидат потребни околу 5 милиони пред се за персонални трошоци. Дури и да дојде до промена на власта на изборите, методологијата треба да остане зашто е правена според светски стандарди, вели директорот на Статистика Апостол Симовски и апелира Законот за попис да биде донесен до Нова Година.
Не смее да има дилема дека графата национална припадност во пописниот прашалник треба да остане, вели професорката од Правниот факултет во Скопје, Ана Чупеска. За неа е лажно било какво поврзување на процентот на застапеност со правата добиени со Рамковниот договор.
Пописот беше подготвуван за април 2020-та, по пробниот попис во јуни годинава. Статистика сега бара одложување за една година зашто невозможно е да се реализира во исто време со изборите. Попис 2021 беше едно од клучните барања на опозицијата при разговорите во работните групи кои сега не се состануваат. Во земјава немало попис од 2002, а за важноста на ваквата статистичка операција, посебно за припадниците на заедниците, се говореше и на Партиципативниот форум.
Соња Николовска