Остро заврши преписката меѓу Џафери и Дескоска

Неуспехот на преговорите за СЈО не треба да го покрие Собранието, вели собранискиот спикер, Талат Џафери.

Тој повторно се огласи на Фејсбук откако министерката за правда Рената Дескоска му забележа за изјавата дека, и да се договорат партиите за СЈО, додека не завршат претседателските избори, тој нема да закаже седница за да се изгласа законот.

Џафери со ова ја прекина преписката со Дескоска по фејсбук, додавајќи дека, отсега комуникацијата меѓу нив ќе се води само по институционален пат и согласно собраниските процедури.

Тие два дена се препукуваа откако таа јавно го повика, доколку се постигне согласност за законот за СЈО, во најскоро време да се гласа во Собранието, а тој и возврати дека Собранието работи според Деловник, а не по диктат, а уште помалку според индивидуални претензии на министер, кој и да е тој. Министерката деновиве изјави и дека, правото кога ќе ја закаже седницата е негово и дискреционо, но изјавата делувала демотивирачки кај претставниците од ВМРО-ДПМНЕ, кои прашале зошто да брзаат со преговори кога спикерот и онака нема намера за време на предизборната кампања да закаже седница. Од ВМРО ДПМНЕ, пак, денеска изјавија дека таа е на потег да закаже нова рунда преговори.

Претставници на власта и опозицијата досега имаа три средби во Министерството за правда за иднината на СЈО, но нема забележителен напредок во преговорите. ВМРО ДПМНЕ поднесоа 65 амандмани, со кои бараат, СЈО да биде само одделение во состав на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, со мандат додека траат тековните судски процеси.

Инсистираат овие обвинители да бидат надлежни само за поднесените обвиненија заклучно со 30 јуни 2017 година. За нив е неоправдано и СЈО да има посебен буџет.Од оваа партија бараат и Државниот јавен обвинител да биде на предлог на опозицијата.

Нова средба засега не е закажана, а од Министерството за правда велат дека ќе ја закажат само доколку има нови моменти во преговорите.

Министерката деновиве имаше средба и со претседателите на БЕСА и Алијанса за Албанците, кои ветија условена поддршка. Се очекува средба и со осумтемината пратеници од независната пратеничка група.

Далиборка Демјанска Цветановска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ