Исклучените членови на ВМРО-ДПМНЕ на конгресот на ЕПП

На Конгресот на Европската народна партија на лична покана на Претседателот на ЕПП, Жозеф Дол беа поканети и разрешените членови на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров, Петар Богојевски и Емилија Александрова. По кусата средба со нив, еврокомесарот за проширување Јоханес Хан на Твитер напиша.

Им честитам на нивната храброст и храброста покажана во гласањето за Договорот од Преспа. Сите закани против нив мора да престанат! Сите партии треба да работат на агендата на ЕУ, која ја сака поголемиот дел од граѓаните.

Делегацијата предводена од поранешните функционери ги информирале сестринските партии за притисоците кои се вршат кон нив. Упатена е јасна порака до Мицкоски, во која насока треба да се движи партијата, сите сакаме силно ВМРО-ДПМНЕ но истовремено сакаме државата да чекори по евроатланскиот пат, вели Никола Тодоров.

ВМРО-ДПМНЕ ги отфрла наводите за закани и притисоци кон неистомислениците.

Мицкоски вчера оствари средби со Хан и со претседателката на Асоцијацијата на жени Дорис Пак, која му порача дека е неприфатливо осумте пратеници кои гласаа за договорот со Грција и за европска иднина на земјата да се третираат како криминалци. ЕПП тоа не смеее да го толерира. Еврокомесарот Хан оцени дека за евроинтеграцијата треба лојална опозиција. Добил уверување од Мицкоски дека нема да ја попречува постапката за уставните амандмани во Парламентот.

Ова е прв пат на конгрес на Европската народна партија да бидат поканети две партиски делегации од актуелните и од поранешните функционери на ВМРО-ДПМНЕ. На одвоените средби со претставниците на сестринските партии се разговарало за насоките кон кои се движи ВМРО-ДПМНЕ и за какви вредности се залага.

Јулијана Пешевска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ