
Оставен во притвор оти треба да се изработи вештачење за пиштол, а пиштолот не е одземен
Контрадикторни се решенијата за притвор на дел од уапсените за настаните од 27 ми април, тврдат нивните адвокати. Дел од нив и по повеќе од десетина денови не ги добиле решенијата, биле повикани на јавна седница телефонски само ден пред таа да се одржи, а им било скратено и правото да разговараат со своите клиенти. Адвокатот Ѕвонко Давидовиќ кој го брани началникот во МВР за специјални операции, Душко Лазаров е зачуден што во решенијата или воопшто нема образложенија или тие не соодветствуваат со фактичката состојба.
Инаку скопскиот апелационен суд одлучувајќи по жалбите за продолжување на притворите на осомничените им ги потврди првостепените одлуки. На ова денеска реагираа и од опозициската ВМРО ДПМНЕ од каде сметаат дека притворите сe доказ дека македонија е единствената држава аспирант за еу во која се конструираат политички обвиненија.
„Отткако СДСМ е на власт постои само селективна правда. Политички прогон за неистомислениците, а масовно ослободување на прекршителите на законите кои се блиски или корисни за власта. Најдобар пример за тоа е активистот на таканаречената шарена револуција, пратеникот Павле Богоевски“, е реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
За бранителите пак е чудно што вишото јавно обвинителство ги нарекува дури и обвинети оние кои се само осомничени за настаните од крвавиот четврток.
Веќе два месеци дел од уапсените за инцидентите во собранието од 27 ми април се наоѓаат во притвор, а меѓу нив се и пратеници и организатори на протестите. За нив обвинение се уште нема а за сега се осомничени за терористичко загрозување на уставниот поредок.
Билјана Николовска