
Останува нејасно кој ќе се справи со дивоградбите во зоната заштитена од УНЕСКО
Охридско-струшкиот регион и понатаму е под лупата на УНЕСКО. Таму се очекуваат резултати во справување со дивоградбите на крајбрежјето. Антикорупционерите бараат Владата да ги урива ваквите објекти во регионот – а, оттаму се уште нема став за ова прашање. Регистарот на дивоградби во Охрид покажува дека има 409 такви објекти во заштитената зона. Струшкиот градоначалник, пак, тврди дека кај него нема ниту еден.
Антикорупциска побара извршната власт да ги одземе ингеренциите на општините од охридско струшкиот регион и самата да ги урне дивоградбите на езеро, но во Владата се уште не пристигнал официјалниот допис за тоа прашање. Засега останува непознато, кој ќе успее да се справи со дивоградбите во зоната заштитена од УНЕСКО. Антикорупциска вчера соопшти дека тие го разгледувале прашањето за бесправните објекти во регионот и се посомневале во тоа дека општините можат самите да ги урнат.
Влада на РСМ:
„Штом го добиеме официјалниот допис, ќе се произнесеме по истото. Владата досега во повеќе наврати има потенцирано дека општините се должни да ги исполнуваат своите законски обврски по ова прашање. “
Од Антикорупциска ги проверувале јавните набавки направени во Општина Охрид, при што откриле дека е склучен само еден договор за уривање на дивоградбите, во вредност од околу 24.500 евра што според нив е премал износ за справување со бесправни објекти, изјави вчера претседателката на Комисијата.
„Државната комисија за спречување корупција ќе упати барање до Владата, да ги преземе сите активности за да ги преземе надлежностите на сите општини коишто се наоѓаат во овој регион којшто е заштитен под УНЕСКО и да се справи со објектите коишто се бесправно изградени“ – Билјана Ивановска – Претседателка на ДКСК.
Безуспешни ни беа обидите телефонски да го добиеме охридскиот градоначалник Константин Георгиевски за да даде свој став. Неговиот колега од градоначалничката фотелја во соседната Струга – Рамиз Мерко, пак, убедено тврди дека нема ниту една дивоградба на струшкото крајбрежје.
„Тврдам дека нема диви градби. Ако дива градба е една платформа обична, ако дива градба е еден ѕид од камен кој не загадува и кој е дозволен, а се со цел да се заштити имотот на приватници и да се заштити крајбрежјето, мислам дека нешто не сме во право. Има една разлика, а тоа е што цел Охрид е влезен во езеро, за разлика од Струга“ – Рамиз Мерко – Градоначалник на Општина Струга.
Додека Мерко тврди дека има нула бесправни објекти на брегот на езерото во Струга, охридскиот регистар на дивоградби вели дека во Охрид има 409 бесправни објекти во заштитениот појас на градот.
Петар Догов