
Осомничените пратеници бараат СЈО да остане без „бомбите“ во кои се слуша нивниот криминал
„Бомбите“ како докази во случаите на СЈО засега се најголема пречка за да се обезбеди двотретинско мнозинство за законот за јавно обвинителство со што ќе се реши идниот статус на специјалното обвинителство.
Министерката за правда Рената Дескоска вели дека мнозинството потребно за законот е колебливо затоа што меѓу пратениците има и такви за кои СЈО има отворено истраги. Тие пратеници, според Дескоска барале да не се користат веќе бомбите ниту како докази ниту како елементи за истрага, односно да се одземат од истражните дејствија на тимот на Јанева.
Министерката има личен став дека бомбите треба да обезбедат индиции за криминал, и со нивна помош да се обезбедат соодветни докази за да не се уништи досегашниот труд на СЈО во над 100 веќе отворени истраги против функционери.
-Во делот што се однесува на истрагите, таму е вложен труд од СЈО и тука не треба да се дозволи да има практично амнестирање на кривични дела со измени на закон. Во тој дел ќе мора да водиме сметка да се направи прецизна одредба што ќе даде можност делата што биле направени и кои биле во фаза на истрага да ги продолжи. Кој ќе продолжи, дали Обвинителство за организиран криминал или СЈО, тоа ќе биде дефинирано според надлежностите што ќе бидат распределени меѓу овие две обвинителства, додаде министерката Дескоска.
Дескоска „фрли“ уште една критика кон пратениците на ВМРО-ДПМНЕ затоа што со неколку амандмани во законот за спречување на антикорупција се обидува да ги намали капацитетите на идната ДКСК.
-Она што реално предизвикува проблем во нивните амандмани е барањето за бришење на условот за забрана за политизација на членовите, односно спречувањето одредени членови што биле политички активни во изминатиот период или биле донатори на политички партии да не бидат членови. Понатаму барањето да се тргне надлежноста за увидот во банкарските сметки на функционерите. Сметам дека тоа се барања што не може да бидат удоволени оцени Рената Дескоска Треневски, министер за правда во владата на РМ.
Антикорупцискиот закон власта ќе се обиде да го убрза со европско знаменце на него за да ја убрза процедура. Според ВМРО-ДПМНЕ пак обвинувањата на власта се неточни затоа што СДСМ сака новата антикорупциска комисија да ја користи за пресметка со неистомисленици. ВМРО-ДПМНЕ вели дека нивните предлози се во согласност со европските насоки за борба против корупцијата во Македонија. А во државата веќе десет месеци нема комисија и никој системски не ја гони корупцијата.
Миомир Серафиновиќ
Листа на обвинети и осомничени пратеници од СЈО
Министерката Дескоска не наведе по име ниту еден пратеник кој го оспорува новото решение на СЈО, освен дека има осомничени пратеници. Во собраниските редови има 7-мина пратеници за кои СЈО отвори постапки. За тројца од нив СЈО се уште води истрага, а за останатите има обвиненија и течат судски процеси. Двајца се од власта, останатите 5-мина се од ВМРО-ДПМНЕ. Никола Груевски кој има „најдебело“ досие во СЈО е во бегство и доби статус на азилант во Унгарија. Седумте осомничени пратеници се:
-Али Ахмети, случај Попис-истрага
-Никола Груевски, 5 обвиненија (Титаник, Траекторија, Талир, ТНТ, о.Центар) и 4 истраги
-Илија Димовски, 2 обвиненија (Талир и Титаник)
-Антонио Милошоски, случај Моќник- истрага
-Елизабета Канческа Милевска, случај Тендери- обвинение
-Даниела Рангелова, случај општина Центар -обвинение- општина Центар
-Ејуп Аљими, случај Титаник 3- обвинение.