
Осомничен во „Пропаганда“ се спасил од гонење. Станал соработник на правдата?
Соработник на правдата станал еден од деветмината осомничени во предметот „Пропаганда“ кој се однесува на влијание и контрола на медиуми во корист на ВМРО-ДПМНЕ со буџетски средства. Ова произлегува од шест месечниот извештај за работата на СЈО каде пишува дека на 25 февруари годинава за еден осомничен е донесено решение за непреземање на кривично гонење, според член 44.ст 3 од ЗКП. Во посочената одредба пишува дека јавниот обвинител може да се откаже од гонењето:
-Ако осомничениот како член на организирана група, банда или друго злосторничко здружение доброволно соработува пред или по откривањето или во текот на кривичната постапка и ако таквата соработка и изјава е од суштествено значење за кривичната постапка.
Името на осомничениот кој се спасил од гонење во извештајот не се открива. Оваа истрага СЈО ја отвори во октомври минатата година против избеганиот екс премиер Никола Груевски, ексгенералниот секретар на владата Кирил Божиновски и уште седум осомничени Ацо Мисајлоски, Емил Парнаџиски, Владислав Стајковиќ, Саше Стојановски, Елена Колишевска, Марјан Цветковски и Захарија Вулгаракис, но според информациите на Телма не станува збор за еден од организаторите, туку од останатите осомничени.
Извештајот на СЈО открива и дека истрагата за „Имеприја“ на крајот на јануари била проширена и на Срѓан Керим и Јана Станисављева од МПМ. Делото е оштетување и повластување на доверители. Првично во истрагата наведени беа тринаесетмина осомничени меѓу кои Камчев, Мијалков, Панделевски.
Извештајот открива и до каде се 19-те истраги на СЈО. Речиси за половина од нив е потенцирано дека се во завршна фаза „Странски служби“ против Горан Грујевски, „Друмарина“ против Бонева, „Актор“ против Груевски, Јанакиески и грчки државјани, „Моќник“ против Милошоски, „Дизјан“ за кинеските автобуси против Миле Јанакиески, Игор Јанушев и други, „Лидери“ и „Табла“.
За истрагата за „Попис“ која беше отворена во март 2018 и во која осомничени се Али Ахмети и Никола Груевски не пишува дали е при крај. Биле испитани повеќе сведоци но не и осомничените Ахмети и Груевски. На 25 јануари била издадена наредба за финансиско економско вештачење за да се утврди штетатата од пропаднатиот попис во 2011 година но се уште не било изготвено, стои во извештајот.
Токму оваа истрага предизвикува најмногу интерес од јавноста откако се најави дека и со закон ќе се забранат бомбите за сите ново отворени истраги на СЈО.
Специјалната обвинителка Јанева, изјави дека и без бомбите ќе се обидат да бидат на висина на задачата и да соберат доволно други докази во истрагите, но не ја исклучи можноста некој да се спаси а некој да биде дополнитлено обвинет. Но Законот за јавно обивнителство со кој се уредува статусот на СЈО и понатаму е мета на измени од политичарите. Од понедленик работните групи на власта и опозицијата ќе седнат на заедничка маса а ВМРО-ДПМНЕ ги подготвува своите амандмани.
Елена Ивановска Мукоска