Осоговијата да биде прогласена за Парк на природата

Градоначалниците од источниот регион бараат Осоговските планини да бидат прогласени за Парк на природата. Осоговието добивајќи статус на подрачје заштитетно од четврта категорија ќе донесе полесен и побрз пристап до парите од европските фондови.

Раководителката на Центарот за развој на Источно планскиот регион Драгица Здравева забележува дека позитивен пример им се партнерите од бугарска страна, со кои соработуваат за проекти финансисрани од Европската унија. Бугарија ги има Рила и Беласица како национални паркови, а додека источниот регион на Македонија нема вакви подрачја, кои се посебно заштитени.

„Ние во нашиот регион имаме само природни реткости. Значи поединечни стебла, кои што се прогласени за приордна реткост, како што се црната дудинка во Лесново, дабот во Бели. Тоа е во ред, меѓутоа немаме област, немаме заштитено подрачје, како што е Парк на природата“, вели Здравева.

Во тек е постапката за прогласување на Осоговието и на Ченгино Кале во беровскиот регион за Парк на природата. Овој парк ќе се просторира на територија на неколку општини и е со површина од над 50.000 хектари. Посебен бенефит од него ќе има месното население.

„Од аспект на можности за обезбедување на дополнителни приходи преку различни традиционални производи, адаптација на сопствените куќи, како мали сместувачки капацитети, околу продажба на одредени сувенири или брендирање на одредени производи. Вие верувајте дека додадената вредност на такви производи, кој што се наоѓаат во заштитено подрачје е двапати до три пати поголема“, вели Здравева.

Здравева забележува дека градоначалниците од истокот, како и донаторот за овој проект при посетата на Бугарија констатирале дека во делот на руралниот туризам источниот сосед е шест чекори напред, додека недопрената природа на источна Македонија  ретко кој може да ја види, бидејќи ги нема условите за туристите кои бараат вакви аранмжмани. Прогласувањето на Осоговитето и на Ченгино Кале во малешевскиот регион за Парк на природата се очекува наредната година.

Викторија Димитрова Јованова

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ