Османи во Брисел, Туск во Скопје пред одлучувачкиот самит на ЕУ за земјава

Македонија херметички ќе ги затвори сите можности за изговор или скептицизам кај земјите-членки на ЕУ за да не и дадат датум на преговори на земјава е уверувањето кое вицепремиерот Бујар Османи денеска и го пренел на на шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини, во пресрет на октомврискиот самит на Унијата на кој ќе се одлучува за преговорите со земјава.

На точно еден месец пред одлучувачкиот Европски совет Османи во Брисел реферираше и за последните актуелности во земјава особено во областа на владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупција.

„Без разлика што не претставува формален услов за одлуката во октомври, владеењето на правото останува наш постојан бенчмарк за кој ве уверувам дека нема да има никакви отстапки, ниту од аспект на институционалната поставеност за борбата против криминалот и корупцијата, ниту по основ на континуираниот ‘трек – рекорд’, во спроведувањето на владеењето на правото“, и пренел Османи на Могерини.

Според Османи остануваат буквално 30 дена до големата одлука за старт на преговорите со земјава, за која цел тој по Брисел тој ќе го посети Берлин, а потоа и Варшава. Одлуката за давање на зелено светло за датум за земјава во германскиот Бундестаг од јуни беше одложено за крајот на септември.

Со иста цел, евроинтеграциите на Македонија, но не во Брисел туку во Скопје, утре претседател на Европскиот совет, Доналд Туск  ќе разговара со претседателот Стево Пендаровски, и со премиерот Зоран Заев. Извесно е дека Туск со Пендаровски и со Заев ќе разговара за она што од јуни до денес е постигнато во делот реформите, пред се во испорачувањето резултати во справување со високата корупција, која дел од земјите-членки ја поставија како услов за давање зелено светло за преговори со Македонија.

Тамара Грнчароска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ