
Османи по средбата со Катругалос се враќа назад со првиот лет Атина – Скопје
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во рамките на работната посета на Грција, оствари средба со Алтернативниот Министер за надворешни работи и европски прашања, Јоргос Катругалос. Главна тема на средбата била политичкиот развој на настаните во двете земји по одлуката на Собранието за отворањето на уставот на Република Македонија, а во насока на обврските кои произлегуваат од Договорот од Преспа.
„Имаме голем број проекти кои се поврзани со Мерките за градење доверба, но и воопшто во насока на унапредување на комуникацијата и соработката меѓу двете земји, и чија реализација, согласно напредокот во политичките односи, треба да добијат забрзано темпо“, рекол Османи на средбата, соопшти неговиот Кабинет.
Османи на Катругалос му пренел дека за Македонија најважна е соработката од која очекува да се оствариме во насока на успех на нашите европски интеграции.
„Успехот на Договорот од Преспа ја става Грција во редот на земји – пријатели, чија поддршка за нашите европски интеграции внатре во Унијата е забележлива“ – истакнал Османи, најавувајќи го притоа заедничкиот проект меѓу двете министерства, за создавање на таканаречена „ЕУ Таск форс“ работна група, за размена на искуства во процесот на европски интеграции.
По завршувањето на средбата, Османи и Катругалос се упатиле кон Атинскиот аеродром на симболично свечено испраќање, каде Османи ќе го искористи првиот лет по нешто повеќе од десет години меѓу Атина и Скопје за да се врати назад.