
Османи: Не сме против нова методологија која ќе го зајакне кредибилитетот
Надеж дека земјите-членки и Франција ќе ја сфатат важноста на претстојниот Самит на Европската унија, дека тој не е обичен самит, туку ја има тежината на Солунскиот од 2003 година кога е отворена перспективата на регионот кон Унијата, порача денеска од Брисел вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи, по средбата со грчкиот алтернативниот министер за надворешни работи Милитиадис Варвициотис.
-Одлуката утре може да ја задржи вратата отворена и таа перспектива да остане отворена, рече Османи кој истакна дека вчерашниот исход од состанокот на Советот за општи работи бил разочарувачки, а во текот на дискусиите имале судир на два концепта.
Едниот, како што појасни, инсистира двете земји да добијат одлука, односно да биде испочитуван пакетот Северна Македонија и Албанија, а другиот, поддржуван од група земји кои инстираат само Северна Македониј да добие одлука.
-Немањето консензус се случи на крај како резултат на судир на тие два пристапа и се надевам дека ќе се надмине на Европскиот совет на ниво на шефови на држави, рече Османи.
Нагласи дека вчера имало жар во дебата и во аргументацијата на над 20 земји-членки, кои се залагале дека земјата треба да почне преговори.
-Само една земја го спори начинот на кој се одржуваат преговорите и предлага воведување нова методологија пред да се донесе каква било одлука. Остануваме на ставот дека тие два процеса треба да се одвиваат паралелно, дека ниту кој било во регионот е против нова методологија која ќе го зајакне процесот, рече Османи.