Османи: Македонија и Грција се во постојана комуникација

Вицепремиерот Бујар Османи не ги потврдува информациите на грчките медиуми дека во понеделник или вторник ќе ја посети Атина, за да се сретне со министерот за надворешни работи Никос Косијас.

Османи вели дека во наредниот период ќе има редовни комуникации меѓу македонската и грчката Влада како начин за создавање мостови.
Вицепремиерот замоли во овој момент ова, и онака сложено прашање, да не се оптоварува дополнително со потпрашања за начинот на кој би се верификувало: со референдум или во Собрание.

Истовремено, во пресрет на продолжението на преговорите за името закажани за 19-ти јануари, грчкиот премиер Алексис Ципрас свика „вонреден мини министерски совет“, како што го нарекуваат тамошните медиуми. Министерот Коѕиас ја напушти премиерската палата со оптимистичка изјава.

„Оваа година ќе биде година во која ќе се решат прашањата во грчката надворешна политика што траат со декади. За прашањето за името, Владата, како што постојано истакнува: поддржува и преговара за едно сложено име, едно име за сите употреби, она што Грција го презентираше и во Букурешт“, изјави тој.
Оваа година за нас е прашање на „живот или смрт“, вели вицепремиерот Османи и ги повикува сите да ја согледаат шансата што стои пред Македонија и да дадат придонес во постигнувањето надпартиски консензус.

Попладнево, Османи имаше неформална средба со бугарскиот амбасадор Иван Великов Петков.

„Официјалното претставување на Бугарското претседавање ќе биде на 11 јануари во Софија, а јас официјално ќе ги претставам бугарските приоритети во Собранието на 15 јануари. Потоа ќе зборувам пред медиумите“, рече Петков.

Од први јануари, за прв пат, соседна Бугарија го презеде претседавањето со Советот на Европската унија.

Соња Николовска

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ