
Османи го доби виртуелниот, сега го чека и вистинскиот датум за преговори
По виртуелното, вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи и реално очекува датум за старт на преговори во јуни, велејќи дека на земјава не може да и се најде маана за да не и се даде датум.
„Единствената позитивна одлука која што ја очекувам во Јуни е одлука за започнување на преговори. Само таа одлука ќе ја одржи позитивната динамика во државата и во регионот, меѓутоа ќе го задржи и кредибилитетот на ЕУ“, изјави Бујар Османи, вицепремиер за европски прашања.
На симулација на состанокот на Советот на ЕУ на кој ќе се одлучува за датумот за преговори за земјава, оганизиран од страна на студентите на универзитетот Мајка Тереза, Османи ги одбрани аргументите за добивање на датум за земјава, но за оној реалниот на 21 јуни се уште му претстои работа и убедување со скептичните земји-членки како Франција и Холандија.
„Се обидуваме да им објасниме дека интересот за започнување на овој процес е многу поголем и штетата е многу поголема да не се започнат, отколку да се започнат преговорите, дури и во случај на внатрешните дилеми и стравовите што ги има во земјите-членки“, изјави Бујар Османи, вицепремиер за европски прашања.
За судбината на СЈО, од што пак најмногу зависи одлуката на Холандија за преговори, Османи рече дека се работи на постигнување на договор со опозицијата и да се фатат двата рока за тоа за ЕУ.
„Има пожелен и неопходен рок. Пожелниот би било пред извештајот на ЕК, а неопходниот би бил пред одлуката на Советот на ЕУ“, вели Османи.
Османи по толкав оптимизам, на прашањето дали доколку земјава во јуни не добие датум би чуствувал политичка одговорност и би се повлекол од местото прв човек за евроинтеграции, не одговори директно туку тоа го поврза со најавите за реконструкцијата на владата.
„Уште сме во духот на метлата. Ова прашање е многу поголемо од индивидуалната судбина на било кој човек дури и на целата Влада. Ова е историско прашање за државата…. И навистина не смее оваа тема да се деградира до ниво на прашање каде ќе биде некој функционер или некоја Влада“, рече Османи.
Османи во петокот во Брисел за последне пат пред Европската комисија реферираше до каде е земјата со реформите не сакаше да открие што содржи Извештајот за земјава, но уверува дека земјава година ќе влезе во втората фаза од пристапувањето во ЕУ и ќе започне преговори за членство.
Тамара Грнчароска