
Османи бара да се преврти секој камен за да се добие датум од ЕУ
По добро спроведените претседателки избори земјава влегува во политичка предвидливост и стабилност во која мора целата енергија да се насочи на добивање датум за преговори. Ова е ставот на вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, кој на панелот посветен на евроатлантските процеси на Западниот Балкан, потсети дека остануваат само уште 20 дена до објавување на Извештајот на Европската комисија за земјава.
„Можеме да ја концентираме целата општествена, државна и политичка енергија, овие 20 дена, да не оставиме никаков аргумент или да не оставиме непревртен камен за прво да го добиеме најчистиот извештај и позитивна препорака, меѓутоа да добиеме и позитивна одлука“, изјави Бујар Османи, вицепремиер за европски прашања.
Членството на земјава во НАТО ќе ги забрза нејзините преговори со ЕУ, смета Душан Јањиќ од Форум за меѓуетнички односи од Србија, бидејќи со членството во НАТО ќе се исполнат многу политички услови отворање и затворање на поглавјата. Сепак тој е на став дека освне Црна Гора ниту една друга земја од регионот не би можела во 2025 да стане членка на ЕУ.
„Македонија исклучително го забрза процесот. Но тука луѓето навистина ќе треба да работат многу тешка работа. 35 Поглавја треба да се отворат и затворат. Погледнета ја агендата на ЕУ, се мора да за затвори до декември 2023 година. Потоа ЕУ треба да се изјасни дали ве сака или не. Затоа е нереално“, вели Душан Јањиќ од Форум за меѓуетнички односи од Србија.
Сосема спротивно мислење за можноста за членство на земјава во 2025 искажа Моника Беговиќ од Центарот за меѓународни студии од Хрватска, пред се поради новата политика на Унијата кон регионот.
„Сосема е извесно дека 2025 година ќе биде година за прием на Македонија во европското семејство, особено доколку претходно успее да влезе во НАТО. Можеби преотворено зборувам, но зелено светло е за членство во ЕУ во 2025 година“, изјави Моника Беговиќ, Центарот за меѓународни студии од Хрватска.
Генерален заклучок на панелистите е дека решавањето на спорот за името многу ја приближиле земјата кон Унијата и од камен на сопнување прераснала во позитивен пример во регионот.
Тамара Грнчароска