
Османи: 2018 година клучна за изнаоѓање решение за името
Вицепремиерот Бујар Османи е оптимист дека оваа година ќе биде надминат спорот околу името. „Откако медијаторот Нимиц даде предлог, ние градиме државен консензус, а одржливо решение, вели Османи, ќе биде само она што е прифатливо за двете држави и што ќе го сочува достоинството на двете држави“.
По вчерашната посета на медијаторот на Скопје, дел од аналитичарите добија чувство дека оптимизмот почнал да опаѓа.
Синоќа,во интервју за грчката државна телевизија ЕРТ, портпаролот на Владата Димитрис Цанакопулос, запрашан за коментар на ставовите изнесени на заедничката прес конференција на министерот Никола Димитров и медијаторот Метју Нимиц, изјави дека политичкото лидерство во Македонија прифатило умерен однос во изминативе месеци и тоа помогнало да се креира добра клима меѓу двете земји.
– Изјавите на Димитров среде преговори не помагаат во тој правец. Тој многу добро знае дека овие прашања биле дискутирани меѓу Заев и Ципрас, дека постојат специфични политички барања за да можеме да дојдеме до взаемно прифатливо решение што ќе го затвори ова прашање, изјави Димитрис Цанакопулос, портпарол на Грчката Влада.
Министерот Димитров вчера изјави дека идентитетот не може да биде предмет на преговори и дека доколку се допреме до идентитетски прашања, решение на спорот нема да има. Деновиве, грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас најави дека во текот на овој месец неговата земја ќе понуди Нацрт-спогодба која би била основа за натамошна дискусија. Таа би отворила потреба од менување и на Уставот на Република Македонија. Според Коѕиас, во преамбулата и во два члена на Уставот.
Соња Николовска