Осквернавен Споменикот на револуцијата во центарот на Тетово

Со недолична и провокативна содржина осквернавен е Споменикот на револуцијата во центарот на Тетово посветен на борците од НОБ. На него  потпишана е и навивачката група на Шкендија – „ Балисти“, а го има напишано и денешниот датум кога овој клуб во вечерните часови, планира да ја прослави шампионската титула во Првата Македонска фудбалска лига.

Речиси секоја година овој споменик е мета на вандали, но досега надлежните немаат откриено нити еден сторител. Од Сојузот на борци, со остра осуда за сквернавњето, кое како што рекоа може да се спречи, ако полицијата покаже добра волја.

Од полицијата велат дека досега не е пријавено оштетување на споменикот, дело за кое сторителите може да одговараат и кривично.

Од Сојузот, најавија дека ќе го бојадисаат споменикот, кој е руиниран и заборавен од градските власти, кои според законот треба да се грижат за културно – историските споменици.

Споменикот на револуцијата е еден од ретките споменици од НОБ во Тетово, откако пред 12 години бистите на народните херои Ѓоце Стојчевски Амабарче и Тодор Циповски Мерџан, без никаква одлука беа тргнати од градскиот плоштад поради негова реконструкција.

Локалната власт и покрај многубројните апели на Сојузот на борци одбива да донесе решение за повторно враќање на народните херои во центарот на градот, со образложени дека за тоа треба сите советнички групи кои се дел од советот на Општина Тетово да постигнат консензус.

Зоран Димовски

 

Објавено на
© 2024 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ