Оптимизам за важни одлуки пред средбата Димитров – Нимиц – Коѕијас

Очекувам да има важни одлуки кон постигнување решение, кратко коментираше шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас, пред почетокот на денешната нов рунда разговори со шефот на македонската дипломатија, со посредство на медијаторот Метју Нимиц, во Виена.

Во краток коментар оптимизам дека очекува „добра средба“ искажа и медијаторот Нимиц, но не сакаше да коментира за други детали.

Претходно синоќа, шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција, Димитров и Коѕијас имаа и работна вечера, од која не се соопштуваат детали.

Сепак, денешните разговори се сметаат за клучни, откако Нимиц во јануари достави нов сет идеи, а потоа прво Грција предложи своја нацрт- спогодба на 20 страни, по што и македонското МНР возврати со свој нацрт документ. Па оттука денеска се очекува договор во која насока ќе продолжат разговорите.

И покрај јавно декларираните изјави и од двете страни дека има волја за изнаоѓање достоинствено решение, според се што досега беше јавно предочено, суштинските разлики остануваат околу опсегот на употреба на името, местото и начинот на пишување на географската одрдница, но и сетот идентитетски прашања. Засега непремостливи се чинат и различните позиции за промена на Уставот.

Колку ќе трае средбата и како ќе се одвива засега е непознато. Но со фактот што е предвиден работен ручек, на дневниот ред нема означен временски крај.

Од Виена за Телма Боби Христов.

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ