Општина Центар ќе одлучува за предавање на сопственоста на спомениците од „Скопје 2014“ по изборите

Одлуката на Советот на Општина Центар, по барањето на Град Скопје, да му ги пренесе сопственоста и одржувањето на спомениците од проектот Скопје 2014, ќе чека да завршат изборите во април. Според градоначалникот на Центар, во сегашниот предизборен период нема законска можност за отуѓување на државен или општински имот.

За време на изборна кампања , односно кога ќе се распишат изборите, законски не можете да носите такви одлуки бидејќи станува збор за отуѓување на државен, односно општински имот. Затоа , бидејќи имаме таков закон , односно имаме изборен период, седницата на Советот ќе биде закажана веднаш штом ќе бидат исполнети условите, т.е. кога ќе завршат изборите, рече градоначалникот Богдановиќ.

Изјавата на Богдановиќ доаѓа по вчерашната на градоначалникот на Скопје, Шилегов, кој рече дека е испратено барање до Општина Центар, да ги предаде сопственоста и одржувањето на спомениците од Скопје 2014 на Градот, со цел дел од нив да се дислоцираат зашто нивното одржување го чини градот 500 илјади евра годишно и дека се испитуваат законските можности тоа да се направи сега или по изборите.

Спомениците беа поставени кога градоначаник на Центар беше Владимир Тодоровиќ, а неговиот наследник Андреј Жерновски постигна договор со градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, одржувањето на спомениците да премине од Општината на Градот. За содржините од проектот Скопје 2014 претходната власт потрошени над 600 милиони евра.

Сотир Трајков

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ