Македонија Општина Центар го брани мораториумот на ДУП-от
Прекумерно градење и број на жители кој ја надминува границата одредена со Генералниот урбанистички план. Од општина Центар, ова го наведуваат како причина за мораториумот наспроти тврдењата на градежниците дека таквиот пристап е погрешен и дека тоа влијае само на отпуштање на работниците и пропаѓање на бизнисот.
„Нашиот мораториум никако не е наменет како атак на градежните компании особено што општина Центар е вкупно 7 ипол квадратни километри, мораториумот не важи дури ни за целата територија на општина Центар, па ако за некои 4 километри квадратни станува збор, напротив, ние им пружаме рака на градежниците да се вклучат во овие општествени промени во заштита на јавниот интерес“, кажа Јана Белчева – Претседател на Советот на Општина Центар и граѓански активист.
Белчева вели дека поради обемното градење и густото население, се влошува квалитетот на животот на центарци. Зголемен е сообраќајниот метеж, пристапот до училиштата и градинките е отежнат, дури и брзаТА помош нема можност за брза реакција кога е потребно.
Градежниците повикуваат на внимателност при поништување и укинување на ДУП-овите. Стравуваат дека со тоа би настанал милионски трошок кој ќе се одрази на економијата.
ДУП-от во изработка од 2018, за Маџир маало, во центарот на Скопје предвидува да бидат изградени околу 80 седумкатници. Во околу 1.700 стана планирано е да се вселат речиси 6.200 жители, што е три ипол пати повеќе од сегашната бројка.
Градежниците реагираат за намалениот број на дозволи за градење. Во март биле издадени 211 одобренија за градба, за разлика од 384 издадени лани, што е намалување од 45% .
Но, симулација за движењето на сонцето покажа дека ако сите објекти предвидени во Деталните урбанистички планови за Маџир маало ја достигнат максималната височина од седум катови, тогаш маџирмаалци ќе живеат во сенка, без до нив да продира сончева светлина.
Законот за урбано зеленило е јасен. 20% зеленило на секоја градежна парцела и 25 метри квадратни по жител, во урбаните средини.
Петар Догов



