
Општина Охрид прогласи мораториум на градби, советникот Усеини бара неселективност при рушењето на дивоградбите
Мораториум на градежни активности, легализација на дивоградби и урбанистички планови. Ова е одлуката која денеска беше изгласана на седницата на советот на Општина Охрид а е во согласност со препораките на Владата и на УНЕСКО. На седницата воопшто не се разговараше за евентуалниот стар на отстранување на дивоградбите.
Донесениот мораториум ќе важи најдоцна до 1 февруари идната година кога треба да се активира и Планот за управување со природното и културно наследство на Охридскиот регион кој треба да го изработи Владата.
Градоначалникот на Охрид Константин Георгиески ја поздрави одлуката на советниците со која ќе се направи обид да се зачува заштитениот статус на градот од УНЕСКО и нагласи дека со мораториумот започнува реализацијата на активностите од Акцискиот план.
По седницата изјава даде и советникот од редовите на ДУИ, бизнисмен и сопственик на дивбоградба Нефи Усеини. Тој нагласи дека не смее да има селективна правда, дека мора да се отстранат дивоградбите од Галичица, крајбрежјето а потоа и од јадрото на градот. Најави дека сам ќе ја тргне терасата од пицеријата кај Чинарот иако повторно нагласи дека не е дивбоградба.
Нефи Усеини, советник ДУИ Во врска со вчерашните претреси на охридската полиција и локалното обвинителство во фирмите Усеини, нема дополнителни информации за тоа што е утврдено или откриеноп освен дека станува збор за претходна истрага која се однесува на сопственоста на локацијата, во близина на „Свети Еразмо“ на која советникот бизнисмен ја има изградено бетонската база. Локалните власти и претпријатија, по препораките на антикорупциската комисија, ги раскинаа договорите склучени со фирмите на советникот и бизнисмен Усеини вредни над 200 илјади евра.
Огнен Чанчаревиќ