Општина Ново Село не се знае кога ќе избере нов градоначалник

Општина Ново Село ќе има локални избори за нов градоначалник, но се’ уште не се знае кога ќе се одржат. Извори од општината за Телма коментираат дека постапката е отпочната, но поради големиот број прцедури коишто мора да се испочитуваат, изборите би можеле да се поклопат со претседателските во пролет 2019 година.

Од министерството за локална самоуправа потврдија дека Ново Село им испратило допис со известување дека градоначалникот Боро Стојчев си поднел неотповиклива оставка од функцијата. Известувањето пристигнало пред десетина дена и министерството има рок од 15 дена, а најдоцна до 5 ноември да ја извести Владата.

Владата од тој ден има рок од 30 дена да ја констатира сотавката и да ја извести општина Ново Село за именување на врштител на должноста градоначалник, а во тој период треба да го информира и Собранието на РМ за распишување предверемени избори за градоначалник.

Откако ќе добијат известување општината е должна во рок од 30 дена да назначи вршител на должноста којшто ќе биде избран од Советот на општината, освен претседателот. Претседателот на Собранието, Талат Џафери, нема законски рок кога ќе се распишат изборите за нов градоначалник во општина Ново Село.

Оваа општина е без градоначалник од јули, по апсењето на Боро Стојчев. Претседателката на советот вели дека општината функционира без проблеми.

Боро Стојчев си поднесе оставка на 5 октомври од затворот во Струмица каде издржува затворска казна за шверц на цигари. На 10 јули тој беше уапсен во обид да пренесе 3300 штеки цигари преку македонско-бугарската граница, на див граничен премин кај селото Бадилен.

Сузана Мицева

 

Објавено на
© 2025 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Текстов не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

СЛИЧНИ ТЕКСТОВИ