
Опозицијата обвинува дека се кријат докази за „Рекет“
Ден откако Заев откри кога го пријавил случајот „Рекет“ на обвинителите кои биле во неговиот кабинет на разговор за екстрадиција на ѓуленисти барани од Турција, опозицијата со ново обвинување. Се кријат докази и тоа изнесени од Катица Јанева во првото нејзино сведочење во обвинителството, додека се уште беше слободна.
Од обвинителството за Телма целосно ги негираат тврдењата од Белата палата. Ништо такво не било содржано во исказите на Јанева, тврдат оттаму. Јанева кога ја даваше првата и единствена изјава имаше статус на лице кое може да помогне на истрагата, а наредниот ден беше притворена како осомничена.
Јанева била чест гостин во домот на Бојан Јовановски, сведочеше вчера куќната помошничка на Боки 13. Таа пред судот ги кажа сите чести гости кај Бојан Јовановски. Доаѓале и Кирацоски, и Шекеринска, и Богоев, а еднаш бил и Венко Филипче. Денеска премиерот Заев вели дека нема навика да им кажува на соработниците со кого да се дружат.
Заев тврди дека се што знаел пријавил за случајот „Рекет“, додека опозиција ги охрабрува сите што знаат нешто да пријават, бидејќи ако некој се обиде да ја скрие вистината автоматски станува соучесник во целиот случај.
Миомир Серафиновиќ